Димитриев: Има повеќе од доволно време за прочистување на избирачкиот список до 5-ти јуни

26.02.2016 16:46

„Има и повеќе од доволно време, Државната изборна комисија да го пречисти списокот за изборите на 5-ти јуни“ – изјави претседателот на Владата за спроведување на изборите, Димитриев по средбата со членовите на ДИК. Вели, Владата ќе помогне да се овозможат сите услови за да се стигне со исполнување на обврските и пред зацртаните рокови...

„Владата за спроведување на изборите сметаше дека и до 24-ти април можеа да се исполнат сите рокови за пречистување на избирачкиот список, а и сега кога има нов датум има време и повеќе од доволно“- ова е ставот на претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев по средбата со членовите на Државната изборна комисија (ДИК). Вели дека добил уверување оти ДИК работи на исполнување на условите за пречистување на избирачкиот список и е можно веќе утре да почне со вкрстена проверка на податоците.

„Ние како Влада и сега го делиме ставот дека оптимален и реален рок за одржување на изборите беше 24 април и реално можеше да се постигне за организирање на фер избори. Меѓутоа, апелирав поместувањето на рокот на изборите да не влијае да го чекаме крајниот рок за исполнување на сите обврски, да си ги завршиме обврските многу пред тоа со што ќе влијаеме за дополнително создавање на позитивна атмосфера и амбиент за организирање на изборите“, изјави Емил Димитриев, претседател на Владата за спроведување на изборите.

Димитриев најави дека продолжува со практиката на средби со ДИК за да се завршат сите работи и да не се чекаат крајните рокови за пречистување на избирачкиот список.

„Добив уверување од членовите на ДИК дека дополнителното време кое што е добиено со поместување на рокот за одржување на изборите е доволно да се постигне сѐ што е обврска на ДИК“, вели премиерот Димитриев.

Владата ѝ останува на располагање на Државната изборна комисија за сите организациски, технички и кадровски потреби. Ако има потреба од повеќе експерти од информатичката сфера, ќе можат да се преземаат од државните служби или пак, да се ангажираат од приватниот сектор.

 

Игор Панов