Почина новинарката Марија Петковска, МТВ загуби голем професионалец

28.02.2016 17:20

Професионалноста застанува на пиедесталот кога гласот и појавата се во етер. Новинар и човек, човек и новинар- ете така беше до крајот, до вчера...

Илјадници информации од светот поминаа низ вредните раце на Марија Петковска- лоши, добри, занимливи. Не можеше да ги сокрие емоциите на тага кога ќе соопштеше дека прави вест за некаде, каде што има жртви, но имаше насмевка за убавите нешта во животот.

Професионалноста застанува на пиедесталот кога гласот и појавата се во етер. Новинар и човек, човек и новинар- ете така беше до крајот, до вчера.

„Мартин, готов е блокот вести од светот“- знак од Мариче за уредникот на денот.

„Македонската телевизија загуби голем човек, голем професионалец. Марија Петковска секогаш информираше точно, навремено, брзо, прецизно, но мене најмногу ќе ми остане во сеќавање нејзиниот ведар лик, ведар дух“, вели Марин Пушевски, новинар и уредник во МТВ.

Лошата вест стигна утрово. Почина Мариче- ненадејно.

„Нејзиното столче во дневната редакција на МТВ од денеска останува празно, но ќе сведочи дека тука седел вреден колега и добар човек, комбинација што се среќава сѐ поретко во денешнината кај една личност. Ние колегите од дневната редакција само можеме да бидеме горди што сме имале колешка како Марија Петковска, секогаш ќе се сеќаваме на нејзе“, вели Стојан Трпчевски, новинар и уредник во МТВ.

Солзи во очите и грутки во грлата има оваа недела кај колегите во МТВ.

„Марија нѐ освои со ведрината, професионалноста и човечноста. Имаше добар збор за секого- затоа ќе биде дел од нас засекогаш“, вели Свето Николовски, новинар и уредник во МТВ.

Тагува семејството, тагуваат пријателите, тагува редакцијата.

Беше сопруга и мајка. Последното испраќање е утре. Нејзините посмртни останки ќе бидат изложени во капела на гробиштата во Бутел во 11 часот, а погребот ќе биде извршен во 12 часот.

Спомените ќе болат, но ќе останат да сведочат дека во Македонската телевизија имаше дел од мозаикот што се викаше Марија Петковска.