Позитивниот тренд во градежништвото продолжува

29.02.2016 14:39

Со инвестициите во патната инфраструтктура и објектите од високоградба за 65,8 насто пораснал бизнисот на градежните компании во 2015 година. Очекуваат, реализацијата на најавените владини проекти дополнително да го засили градежниот бран.

Годишно во просек се градат шест илјади станови, трендот ќе продолжи, но не се очекува пад на цената, велат градежниците со став- трошоците за материјали не се намалуваат.

„Цената е политика на фирмите, но не се очекува дека таа ќе се намали. Сепак, компаниите и досега по малку ги намалуваа цените, така што, некои од нив веќе работат на прагот на рентабилноста. Имаат трошоци за купување на земјиштето, градежните материјали, проектирање и изведба. Нема да има и пад на цените на градежните материјали“, вели Марија Петровска од Стопанска комора.

Со инвестициите во патната инфраструтктура и објектите од високоградба за 65,8 насто пораснал бизнисот на градежните компании во 2015 година. Очекуваат, реализацијата на најавените владини проекти дополнително да го засили градежниот бран. Ќе има потреба од поголем број работници, современа опрема и квалитетен кадар- велат од Здружението на градежништво.

„Компаниите веќе располагаат и со современа опрема, на многу високо техничко ниво. Поради најавените проекти, изградбата на автопатите Скопје – Блаце и Гостивар – Кичево, како и рехабилитацијата на патиштата Кочани – Делчево, Штип – Миладиновци, Куманово – бугарска граница, од кои дел се почнати, а други наскоро ќе стартуваат, очекуваме можеби и увезување работници од странство“, истакна претседателот на Здружението на градежништво, Андреа Серафимовски.

Ангажманот на домашен терен, за 52 насто ги редуцирал зделките во странство лани. Во 2015-тата учеството на оваа стопанска гранка било 6,4 насто од бруто- домашниот производ, во 2008-та изнесувало 4,9 проценти. Од комората велат- градежништвото останува најголем двигател на македонската економија.

 

Сузана Фиданска- Стоевска