Доделени најпрестижните филмски награди

29.02.2016 15:34

Леонардо Ди Каприо конечно го освои првиот Оскар за филмското остврарување „Повратник“, кое е снимано во природни услови во студените пејзажи на Аљаска. Гламурот на Американската филмска академија засенет со бојкотот на неколкумина глумци, афроамериканци, кои не присуствуваа на доделувањето бидејќи немаше ниту една номинација за нив.

Во Долби театарот во Лос Анџелес синоќа се одржа 88 доделување на една од најпрестижните филмски награди Оскар. Леонардо Ди Каприо ја освои наградата за најдобар актер во филмот „Повратник“ којшто меѓудругото беше номиниран во 12 категории. Ди Каприо во текот на својата 25- годишна кариера, за Оскар беше номиниран четири пати, од кои три пати за главна улога, и еднаш за споредна. Во својот говор и се заблагодари на целата екпи што работела на филмот, а се осврна и на проблемот на денешницата, односно климатските промени. Рече дека не смееме да ја земаме планетата здраво за готово.

Снимајќи го филмот моравме да одиме до јужната полутопка за да најдеме снег. Климатските промени се реални, се случуваат во овој момент. Сите видови се загрозени и мораме заеднички да ги поддржиме челниците кои не заговараат големи корпорации туку коишто говорат во името на целото човештво“, рече Ди Каприо.

Истата титула во женска категорија ја доби актерката Бри Ларсон за улогата во филмот „Соба“. Филмот „Под лупа“ на режисерот Том Макарти ја доби наградата за најдобар филм. Филмот е базиран врз вистинска приказна, новинарите на дневникот „Бостон глоуб“ откриваат педофилија во католичката црква. Филмот доби оскар и за најдобро сценарио.

Максиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту го освои оскарот за најдобра режија за филмот „Повратник“, откако лани беше награден во истата категорија за филмот „Човекот птица“.

Титулата најдобра машка споредна улога му припадна на Марк Рајленс во филмот „Мост на шпиони“, додека пак оскарот за најдобра женска споредна улога го доби шведската актерка Алисија Викандер за филмот „Девојката од Данска“. 

Филмот „Лудиот Макс: Автопат на бесoт“ зеде шест награди, меѓудругото и за најдобра сценографија и тонска монтажа. Документарниот филм за Ејми Вајнхаус насловен едноставно „Ејми“ е победник во категоријата за најдобар долгометражен документарен филм.

Инаку најгламурозната филмска манифестација годинава беше бојкотирана од неколку актери кои го изразија своето незадоволство што меѓу номинираните не се најде ниту еден афроамериканец.

Марина Автовска