Браунфилд инвестиција: Германски „СТС Текстил“ инвестира во Демир Хисар
Нова странска инвестиција во Македонија. Германска текстилна компанија донесе одлука да го вложи својот капитал во Демир Хисар. Производствениот процес ќе почне со 150 работници. Можно е конечната бројка да достигне до 1.500 вработени – велат надлежните...

Нова браунфилд инвестиција во Демир Хисар. Германската компанија „СТС Tекстил“ во следните месеци ќе инвестира четири милиони евра во постоечкиот капацитет на „Застава“. За почеток се планирани 150 вработувања, а во текот на инвестициски процес се очекува бројката да достигне 1.500. Првиот човек на компанијата ги повика жителите на Демир Хисар да се пријават за новите работни позиции.
Компанијата ќе извезува на европскиот пазар. Позната е по современите технолошки процеси и иновативни технологии. Тоа ќе овозможи трансфер на знаења и вештини, рече вицепремиерот за економски прашања Пешевски.
Од германското списание „Менаџер“ оваа компанија била прогласена за најиновативна во Германија во нивниот сегмент на работење. Новата инвестиција ќе значи економско заживување на регионот.
Од владиниот тим велат дека во наредниот период се очекува нови компании да донесат одлука, својот капитал да го вложат во Македонија.
„Решавањето на суштинските прашања е силен фокус на владејачката партија, а напредокот и развојот на државата основен приоритет“, напиша на својот Фјесбук профил, лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски за новата германска инвестиција која ја најави неодамна на партиски собир.
Дијана Ценевска
