Експерти: Процесот за донесување буџет во САД е скршен

01.03.2016 10:45

Процесот на донесувањето на буџетот во Соединетите Американски Држави е скршен, оценуваат економистите објаснувајќи дека тоа се должи на се поголемата политичка поларизација во земјата. Дали разликите ќе се надминат зависи од резултатите на престојните избори во ноември.

Со нов демократски претседател Соединетите Американски Држави се исправени пред поголема политичка поларизација, што особено ќе се манифестира при донесувањето на буџетот од страна на мнозинството Републиканци во  Конгресот.

„Ние немаме буџет. Немаме ништо за што Конгресот, Сенатот и Белата куќа се согласуваат како план за трошење, за даноците и за позајмувањето. Не постои такво нешто. Имаме буџетски насоки, што обично не се добри, но немаме вистински буџет“, вели Даглас Холц-Ејкен- поранешен главен економист во Економскиот совет на претседателот во 2001-2002.

Во 74-та американскиот претседател Ричард Никсон потпишал акт за зголемување на ингиренциите на конгресмените при усвојувањето на буџетот. Во последниве 18 години, 9 пати Демократите и Републиканците поради недоразбирањата на релацијата Бела куќа-Конгрес не го донеле буџетот навреме и предзвикале блокада на државните институции.

„Проблемот е што треба да ги намалиме трошоците и да ги зголемиме даноците. Тоа се некои од клучните елементи за да се придвижиме напред и да дојдеме до некаков договор за буџетот. Политичките партии се се повеќе поларизирани од кога и да било и нема индикатори дека ќе се приближат во скоро време“, смета Роберт Реишауер-поранешен Директор на Канцеларијата на Конгресот за буџет во 1989-1995.

Економистите се согласуваат дека мора да има реформа на процесот на донесување на буџетот за да се надминат блокадите поради политички причини.

Соединетите Американски Држави имаат долг од 19 трилиони долари. Една од главните задачи на новиот претседател ќе биде негово намалување.

 

Ирина Гелевска, посотјан дописник од Вашингтон за МРТ