Аеродромот „Александар Велики“ најдобар во Европа во категорија под два милиони патници
Ова е трет пат како Скопскиот аеродром го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI, откако ја доби наградата во истата категорија во 2012 и 2013 година.

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) за најдобар аеродром за 2015 година во Европа, во категоријата - аеродроми со помалку од 2 милиона патници, соопштуваат од концесионерот ТАВ Македонија. Ова е трет пат како Скопскиот аеродром го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI, откако ја доби наградата во истата категорија во 2012 и 2013 година.
„Ова е потврда на нашата посветеност на патниците и авиокомпаниите, како и на зголемениот број на нови линии и подобрените услуги, за кои сме благодарни за напорите кои ги направија нашите партнерски компании. Наградата за квалитет на услугите за 2015 година, ќе нè мотивира, како аеродромски оператор да продолжиме со подобрувањето и иновациите во вкупната понуда на аеродромски услуги“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Покрај Скопскиот аеродром како победник за корисничкото задоволство на патниците во Европа, во категоријата на аеродроми под два милиона патници, на другите континенти, победници се аеродромот Апингтон во Африка, Портланд во Северна Америка и Кулиакан во Латинска Америка (Кариби).
