Саем за градежништво: Над 3.000 плацеви и станови преку „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“
Почна Саемот за градежништво и недвижности на кој ќе бидат понудени над 3.000 плацови и 3.000 станови за кои можат да се користат средства преку проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“. На саемот за градежништво годинава учествуваат 90 компании и 13 општини, а во рамките на Саемот за недвижнини 20 компании...

Станови, куќи, парцели, матeријали, во Скопје- Саем на градежништво и недвижности. Над 3.000 државни плацеви и уште толку станови достапни за заинтересираните купувачи. Проектот „Купи куќа за млади“ ги раздвижи општините.
„Општина Кочани почнува со изработка на нов урбанистички план. Локацијата се наоѓа во западниот дел од градот. Се предвидуваат околу 100 градежни парцели со површина од околу 300 метри квадратни“, вели Марија Јовановска, Општина Кочани.
„Се работи за две локации од кои едната е со површина од околу 10 хектари, а другата со површина од околу 17 хектари“, вели Катерина Стамболиева, Општина Свети Николе.
Градежните компании кои подолго време се на пазарот се задоволни од побарувачката на станови. Најбарани се од 40 до 60 квадратни метри, но велат има клиенти и за станови над 100 квадрати. Локацијата ја диктираат цената и побарувачката.
„Во сета оваа раздвиженост има голема поволност и со самиот проект, Купи куќа- купи стан, затоа што влијае во насока на размислување дека е потребно да се реши станбеното прашање“, изјави Ивица Јакимовски, управител на градежна компанија.
Надлежните велат дека проектите „Купи куќа, за млади“ и „Купи куќа, купи стан“ го раздвижуваат градежништвото. Податоците покажуваат тренд на раст – минатата година речиси за 12 проценти.
„Освен поддршката преку капитални инвестиции, Владата го поддржува овој сектор и преку низа проекти кои ја поттикнуваат градежната дејност. Тука би ја спомнал повластената стапка на ДДВ од 5% за прв промет на станови која има голема улога во понудата и цената на становите на пазарот на недвижнсоти“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
На саемот годинава учествуваат над стотина компании и 13 општини.
Наташа Јанчиќ
