Нова инвестиција- нова надеж за невработените во Демир Хисар

01.03.2016 15:36

Нова надеж за невработените во Демир Хисар и околината. Новата браунфилд инвестиција ќе го раздвижи пазарот на трудот и ќе внесе оптимизам за идниот економски развој...

Ефектите од директните странски инвестиции се чувствуваат и во малата и неразвиена општина Демир Хисар. По руски „Гришко“, пазарот на трудот го раздвижува и најновата браунфилд инвестиција на германската компанија „СТС Текстил“. Најавата дека во првата фаза ќе бидат вработени 150, а во финалната над 1.000 лица ги разбуди надежите кај оние што и по две децении чекаат  вработување.

„Добар потег, ова е голема шанса и надеж и за нас кои со години бараме некакво вработување“, вели Игор Нешковски.

Повозрсните очекуваат почетната инвестиција од четири милиони евра да биде поттик за економскиот развој и за запирање на миграцијата.

„Ќе се зголемат семејните буџети, некаде ќе има и по двајца вработени“, вели Пецо Јовановски.

„Ако има работа ќе останат тука и младите. Има ли подобра придобивка од тоа“, вели Славе Огненовски.

Сопственикот на семејната компанија која за прв пат инвестира надвор од матичната земја и е позната по современите и иновативни технологии, денес го потпиша договорот за закуп на некогашниот погон на „Застава“, а деновиве ќе биде објавен и огласот за вработување на оние што ќе одговорат на технолошкиот предизвик.

Во Агенцијата за вработување во Демир Хисар активно работа бараат 1.060 лица, а 10 проценти од нив се конфекционери. Ова е можност да се добијат нови квалитетни кадри, затоа што германскиот инвеститор планира темелна обука на кадарот.

„Тоа се стручни работници кои во минатото работеле во секторот текстил и се надевам дека нивната шанса е голема“, изјави градоначалникот Љупчо Блажевски.

„Сопственикот во следните два до три месеци ќе пушти луѓе на обука во Германија, кои потоа искуството ќе го пренесуваат тука, динамиката ќе ја следиме и подготвени сме за помош“, изјави заменикот директор на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шеќеровски.

Спред најавите, производниот процес би започнал до почетокот на летото, а произведеното ќе биде извезувано на европските пазари.

Демир Хисар е на добар пат, освен по балетанките на „Гришко“, да стане препознатлив и по повеќенаменскиот германски текстил.

 

Стевче Митревски