Британска наставна програма и во повисоки нивоа на основното образование

01.03.2016 16:18

Учењето по британската наставна програма влегува и во повиските нивоа на основното образование. Од идната година по Кембриџ ќе се образоваат и средношколците. Денеска промовирани нови наслови од светската стручна литература, преведени на македонски јазик...

Од септември и учениците од седмо, осмо и деветто одделение ќе учат по британска наставна програма. Од 2017-та и средношколците ќе учат по Кембриџ, кој сега се применува во основното образование по математика и природни науки.

„Практично сите пердмети поврзани со математика и природните науки, некаде тоа е само еден учебник во некој степен на образование, а во некој степен станува збор за повеќе учебници, ќе бидат согласно Кембриџ програмите кои што се исклучително квалитетни. Ова е еден од најдобрите потези што досега ги имаме направено, затоа што генерира знаење, креативност кај учениците и генерира поквалитетни генерации кои доаѓаат во иднина“, изјави Никола Груевски-  претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Неодамна, Брисел ја прифати македонската рамка за квалификации, што според заменик-министерот Ристовски, значи дека македонските дипломи ќе бидат препознатливи во Европа. Надоградувањето на знаењата продолжува со преводите на стручните литератури на кои се учи во најреномираните универзитети. Промовирани се 12 нови наслови од различна област. 

„Овој благороден проект нема за цел да остварува профит, туку целта е студентите да имаат лесен пристап до современа стручна литература на мајчин јазик, што на свој начин ќе ја поттикне нивната иновативност и конкурентност на пазарот на тудот. Ова се придобивки кои во иднина ќе се чувствуваат во сите сегменти на општеството“, изјави заменик- министерот за образование, Спиро Ристовски.

Младите до 27 години ќе можат бесплатно да го користат железничкиот превоз преку еден викенд, наместо секој трет во месецот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска