Бегалска криза: Состојбата на јужната граница напната, но под контрола

01.03.2016 16:58

Состојбата на грчко – македонската граница е напната, но под контрола. За разлика од вчерашниот обид за насилен влез на наша територија, бегалците попладнево мирно протестираа со барање за отворање на границата...

Непрегледна редица на шатори со бегалци се подига на грчката страна од границата, кај граничниот камен 59. Во импровизираниот камп и натаму пристигнуваат бегалци. Потеклото не им се знае. Според воустановените постапки, можат да бидат пуштени само бегалците од Сирија и Ирак. Бегалците веројатно се подготвуваат повторно да направат некаква состојба, која може да излезе од контрола.

Инаку, на граничниот камен 59, постојано пристигнуваат бегалци, а според неофицијалните проценки достигнуваат бројка од 8.000. Каква ќе биде понатамошната состојба може да се претпостави, бидејќи до грчката страна привремено се блокира и транспортниот коридор кон северот на земјата, односно кон коридорот 10.

Македонската армија и полиција редовно си ја врши работата. Неколку бегалци од Пакистан веќе трет ден се ноаѓаат во меѓуграничниот појас, бидејќи немаат право да ја поминат македонската граница и понатаму да продолжат кон ЕУ.

„Јас сум од Пакистан, ме приведе полицијата пред три дена во зелениот појас. Сега Грците не ме пуштаат назад, а не можам во Европа, не знам што натаму“, вели еден државјанин на Пакистан.

Грците градат таканаречени критични прифатни точки, но од пред една недела и во близина на Кукуш, на 20 километри од Дојран. Засега во општината велат дека имаат координација со полицијата и армијата, ако бранот од илјадници бегалци се пренасочи кон ова наше туристичко место.

„Имавме најава од грчка страна дека поголема група, од некаде 5 до 6 илјади, дека се движи кон граничниот премин Дојран, кон овој регион. Засега немаме посериозни проблеми со доаѓање на поголем број бегалци кон Општина Дојран. Имаме одлична соработка и со надлежните служби од грчка страна, споделуваме информации на локално ниво. Засега се превенира, ја следиме состојбата“, изјави градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.

Армијата и натаму и на овој дел од границата ја удвојува заштитната ограда. На преминот полицијата е известена за правецот на движењето на бегалците и секој обид за премин на македонска територија се осуетува навремено. Но, издатоците за фаќањето в костец со кризата се мерат во милиони евра.

Поради ново настанатата состојба на грчко- македонската граница, единиците на Армијата и на полицијата постојано се во готовност. Тие постојано, посред поставените задачи се поставуваат на теренот.

 

Зоран Богатинов