Трамп и Клинтон победници на прелиминарните избори во САД

02.03.2016 08:33

Демократот Хилари Клинтон и Републиканецот Доналд Трамп се победници на прелиминарните избори во 12 американски сојузни држави. Клинтон извојува победа во најмногу држави и освои најмногу делегати од сите претседателски кандидати.

Демократскиот кандидат Хилари Клинтон доби поддршка од гласачите во 8 од 12 американски сојузни држави во кои се одржаа прелиминарните избори. Сенаторот Берни Сендерс освои победи во 4 држави.  Поддржувачите на Клинтон сметаат дека таа е шампион на средната класа Американци и личност што ќе ја обедини Америка.

„Ја поддржувам Хилари Клинтон. Мислам дека таа е најдобро квалификувана. Очигледно има многу искуство со многу наши проблеми, со светот денеска и односите со странски држави. Како државен секретар се запозна со многу светски лидери. Затоа мислам дека е најдобра.“

„Мислам дека од изборот што го имаме, Клинтон ќе биде најдобриот претседател. Се е подобро отколку да победи Доналд Трамп.“

„Ја поддржувам Хилари Клинтон“, велат гласачите кои ги анкетиравме.

Републиканските гласачи дадоа поддршка за аутсајдерот Доналд Трамп. Трамп освои победа во помалку сојузни држави од Клинтон, бидејќи сенаторот Тед Круз победи во две сојузни држави, Тексас и Оклахома, а и сенаторот Марко Рубио ја извојува победата во првата сојузна држава Минесота.

„Сега демократите гласаа на едни избори, а републиканците на свои. Не се кандидираат едни против други во моментов. Затоа не е важно кој ќе победи денеска, туку кој ќе биде кандидатот на републиканците. Верувам дека Трамп ќе победи во најмногу држави денеска, но ќе го загуби Тексас, од кадешто е Тед Круз“, вели еден гласач.

Во некои држави за првпат гласачите мораа да се идентификуваат со лични документи за да можат да гласаат на прелиминарните избори. Одѕивот е многу поголем од последните избори, а имаше и многу гласачи коишто за првпат гласаа на избори.

„Одѕивот е многу добар за прелиминарни избори. Процесираме во просек по двајца гласачи во минута. Сега нема гужва, но ако погледнете колку се регистрирани, ќе има подоцна“, вели претставничка на Избирачка комисија во Феирфакс, Вирџинија.

Хилари Клинтон собра најмногу делегати на прелиминарните избори, што ја приближи уште повеќе до номинацијата за претседателски кандидат на Демократската партија. Кај Републиканците најмногу делегати освои Доналд Трамп.

Доколку Доналд Трамп биде номиниран за претседателски кандидат на Републиканската партија, 75% од републиканските поддржувачи нема да излезат на избори во ноември.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ