Неизвесни мигови пред експлозија во Киев
Државен удар, како што обвинува украинската влада или револуција како што бара толпата. Во Киев горат огнови, но е тивко пред истекот на ултиматумот до претседателот Јанукович – распуштање на владата и укинување на забраната за протести. Премиерот Азаров од Давос порача – нема да се бира нов претседател среде нереди, ниту спротивно на уставот, пред да помине една година. Ситуацијата е нож до коска.

„Утре ќе тргнеме напред. Ако треба куршум в чело, нека биде куршум в чело, но ќе одиме храбро и праведно“ порача опозицискиот лидер Арсениј Јаценјук од „Татковина“.
Македонската радио телевизија контактираше со нашиот амбасадор во Украина. Како што тој ја опишува ситуацијата, во 6-милионскиот Киев, протестите на 100 до 300 илјади граѓани и судирите со полицијата се концентрирани во микропростор на Плоштадот на независноста, но ситуацијата ја следат внимателно, бидејќи може да биде иницијална каписла за нешто многу поголемо.
„Вработените во амбасадата безбедни, не се во централното градско подрачје. Амбасадата ја следи редовно ситуацијата и е во контакт со македонските граѓани во Украина и во Киев. Препораката на амбасадата е да не престојуваат и да не се движат во регионите на централното градско подрачје каде што се немирите и демонстрациите“, изјави амбасадорот Ацо Спасеновски.
Во меѓувреме, на Евромајданот се зацврстуваат барикадите и се креваат нови пред истекот на ултиматумот.
„Ако барикадите спасат барем еден живот, вределе“, вели демонстрант од барикадите.
„Снимав кога граната ми експлодира до ногата. Фрлаат гранати среде толпата народ“, опишува украински новинар.
Претседателот Јанукович му вети на претседателот на ЕК Баросо дека не планира да воведе вонредна состојба. Претходно, поранешниот украински претседател Леонид Кравчук, кој се обиде да посредува меѓу владата и опозицијата, го обвини Западот дека и пристапува на ситуацијата со целосно непознавање на Украина и менталитетот на Украинците, како се да се случува во САД или во Европската унија. Според него, ова може да доведе до подем на ултранационалистите, како до пред некој ден непознатиот Десен сектор, кој денес е во првите редови на фронтот во улицата Грушевски.
Ивана Салтировска