Словачка ќе испрати засилување на јужната граница
Над 10 илјади бегалци во шаторите на границата од грчка страна. Доаѓа и нов бран, кризата добива на интензитет. Во прифатниот центар во Гевгелија пристигна словачкиот премиер, Роберт Фицо. Со министерот Спасовски заклучија: интересите на Македонија мора да се штитат и покрај хуманитарната криза...

Словачка ќе испрати ново засилување полицајци кои ќе бидат распоредени на јужната македонска граница за справување со налетите од бегалците, изјави при посетата на транзитно- прифатниот центар кај Гевгелија, словачкиот премиер Роберт Фицо. Во граничниот појас со македонската полиција и војска веќе патролираат 20 словачки полицајци, кои и во околината вршат контрола на потенцијалното криумчарење на мигранти.
„Ова е многу чувствително прашање, и ќе бидам многу краток. Најпрвин би сакал да ја повторам подготвеноста на мојата Влада за помош и координирање на активностите со Владата на Македонија. Се сретнав со вашиот претседател во Прага, за време на средбата на Вишеградската група и сите земји од таа група изразија подготвеност да помогнат. Станува збор за луѓе, техничка поддршка и за опрема, всушност зависи од тоа што навистина ви треба и ние ќе ги чекаме техничките детали. Знаете дека во понеделник ќе има Самит на ЕУ, и постои голема нервоза поради мигрантската криза. Сите веруваме дека мора да се усвојат европските решенија, но некогаш се покажува дека тие решенија не функционираат“, изјави премиерот на Словачка, Роберт Фицо.
Словачкиот премиер ќе ја пренесе актуелната вонредна состојба на самитот на ЕУ и на Турција посветен на бегалската криза в понеделник во Брисел. Според министерот Спасовски, Македонија не е дел проблемот, но мора да учествува во неговото, европско решение и притоа да се донесуваат јасни и прецизни одлуки при справувањето со кризата.
„Нашиот дневен пропуст на мигранти ќе зависи од тоа колку ќе бидат примени од земјите на ЕУ. За нас од исклучителна важност е да обезбедиме хуман третман и прием на овие луѓе, но не помалку важно е да ги заштитиме македонските полицајци и граѓани“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
За успешно справување со бегалската криза, Македонија и натаму е определена на блиска соработка со другите земји од регионот, како и со државите по должината на западно-балканската рута, изјави Спасовски.
Наташа Гркова- Петрушевска
