Доналд Туск на средба со претседателот Иванов
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, е во Скопје. Бара решение за бегалската криза пред претстојниот самит. Во Вила Водно, средба со претседателот Ѓорге Иванов...

Постигнување на заедничко европско решение за бегалската криза, ова бил фокусот на разговорите на претседателот Иванов и неговиот гостин- претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Состанокот започна со тет-а-тет средба на претседателот и Туск, а потоа се сретнаа и двете делегации.
Посетата на Туск на земјите низ кои се протега Западно-балканската мигранстка рута е во контекст на неодамнешната одлука на Самитот на Европскиот совет да се врати ситуацијата кога сите членки на Шенген зоната „целосно ќе го применуваат шенгенскиот граничен кодекс и ќе одбијат влез на надворешните граници на државјани на трети земји што не ги исполнуваат условите за влез или кои не доставиле барање за азил и покрај тоа што имаа можност да го сторат тоа“.
Како најава за посетата на Скопје и други земји од Западен Балкан, Европскиот совет испрати соопштение во кое нагласи дека за реставрација на целосното функционирање на Шенген зоната ќе биде потребно време и тоа мора да биде придружено со мерки за решавање на хуманитарните последици на земјите- членки што се погодени, како со хуманитарна помош за сириските бегалци и за земјите од соседна Сирија.
Првиот човек на Евросоветот до 3-ти март, покрај Скопје, ќе ги посети и Виена, Љубљана, Загреб и Атина. Целта на оваа негова мини турнеја, според соопштението од советот на ЕУ е „градење на европски консензус за справување со миграциската криза и подготовка на Самитот со Турција закажан за 7-ми март во Брисел и самитот на Европскиот совет на 17-18 март“.
Челникот на Европскиот совет исто така ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Легери и тоа во петок (4-ти март) во Брисел.
Катерина Топалова
