Иницијатива од Вашингтон: Европа да ги решава економските предизвици
Современите предизвици, економските и климатските промени, тероризмот и миграцијата бараат не поединечен, туку заеднички европски одговор, порака од Вашингтон од учесниците во проектот за подобрување на економската состојба во Европа...

Европа се наоѓа пред големи предизвици поради бавното економско закрепнување од економската криза и бранот бегалци. Американски и европски функционери презентираа Иницијатива за европски економски раст, со која ќе се зголеми економскиот раст во земјите членки на Европската Унија.
„Кристално е јасно особено по економската криза дека живееме во век кога предизвиците се преголеми за справување само на национално ниво. Затоа има силна и насекаде распространета поддршка за натамошна интеграција на Европа. Предизвиците како економските проблеми, климатските промени, тероризамот и миграцијата се преголеми за справување од страна на само една држава“, вели Јурки Катаинен-потпретседател на Европската Комисија за работни места, економски раст, инвестиции и конкурентност.
Иницијатори на овој најнов европско- американски проект за подобрување на економската ситуација во Европа, се поранешниот американски заменик секретар за трезор Стјуарт Ејзенштат и поранешниот претседател на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо. Баросо предупреди на последиците од мигранската криза во Европа.
„Во последните 25 години, европскиот економски раст е за еден процент понизок секоја година. Главните вести во Европа се економските долгови и финансиската помош, невработеноста, рецесијата, инфлацијата, што се закануваат на протекот на економскиот капитал, иновациите и пазарната сигурност“, изјави Стјуарт Ејзенштат, поранешен американски заменик секретар за трезор и амбасадор во ЕУ.
„Знам дека многу американски компании сакаат да и помогнат на Европа да се справи со бегалците. Затоа што ако не успееме и не ја поддржиме храбрата позиција на канцеларката Ангела Меркел, тогаш ќе има искушенија да се стави под знак прашање Шенген и ќе се издигнат нови граници. Ова е негативно од политичка, но и од економска гледна точка“, изјави Хозе Мануел Баросо, поранешен претседател на Европската комисија.
Американски и европски политичари се залагаат до крајот на мандатот на американскиот претседател Барак Обама да биде потпишан Договорот за слободна трговија и инвестиции меѓу САД и ЕУ.
Американските економисти сметаат дека треба да се засили економската соработка со Европа, наместо досега само со азиските држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
