Почнуваат подготовките за новата реколта тутун
Завршува откупот на тутунот. Производителите задоволни од солидната откупна цена на квалитетната реколта. Тоа ги охрабрува за стабилизирање на новото производство. Годинава во трка 10 откупувачи што ќе ја зголеми кокуренцијата...

Околу 30.000 тутунарски семејства во земјава се подготвуваат за новата реколта тутун. При истекот на откупот на ланскиот род, тутунарите ќе инкасираат во просек по 4 евра од килограм, вклучувајќи ги субвенциите. Охрабрени од добриот откуп, го планираат годинашново производство.
„Па, 20 декари пак ќе садиме и оваа година. Годинава имав над 3 тона. Добро беше, во споредба со лани. Субвенциите, нормално ги има секоја година по 60 денари.“
„Исто ќе садиме, колку лани и годинава.“
„Продолжуваме пак да садиме 10 декари“, велат тутунарите кои ги анкетиравме.
Времето ќе донесе и рано расадопроизводство. Се евидентираат површините и количествата преку министерството за земјоделство. Навалица е во најголемиот производствен регион, прилепскиот.
„Се очекува да има околу 7.000 хектари насадено тутун, со околу 11.000 тутунопроизводители на тутун. Ќе биде на ланското ниво. Мислам дека оваа година добро помина тутунот“, вели Коста Дурланов, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство.
Со десет откупни фирми, една повеќе, годинава ќе се зголеми конкуренцијата, предност за тутунарите. Новите договори се на ревизија во Сојузот на тутунските здруженија. Ќе има повисоки цени.
„За разлика од лани, се нешто со повисока цена. Сите, барем што ни испратија овие четири фирми. Оваа година, покрај ланската девет откупни компании, има уште една, „Секе“, тоа се десет, што значи дека интересот на откупните компании, е тука, во Македонија. Оние 60 денари ни ги покриваат трошоците во самото вложување во тутунопроизводството, и останува чист бенефит“, изјави Данчо Милески претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
Солидната откупна реколта го стабилизира тутунопроизводството. Останува егзистенција за преку 150.000 жители во земјава.
Елизабета Митреска
