ЕК: Македонија не подлежи на ЕУ правилата за бегалците

03.03.2016 14:53

Македонија е „трета земја“ за Европската унија, не е нејзина членка и не подлежи на легислативата и на законите на унијата во однос на (не)пропуштањето и третманот на бегалците и мигрантите на својата граница со Грција...

Европската комисија денеска уште еднаш порача дека Република Македонија е „трета земја“ за Европската унија, не е нејзина членка и не подлежи на легислативата и на законите на унијата во однос на (не)пропуштањето и третманот на бегалците и мигрантите на својата граница со Грција.

Како што јавува МИА од Брисел, портпаролката на Еврокомисијата задолжена за миграциски прашања, Наташа Берто, појасни дека единствено што ја „врзува“ Македонија со унијата во однос на бегалската криза, е Протоколот на договорот за справување со истата од 25 октомври 2015 година, кога во Брисел, македонскиот претседател Ѓорге Иванов учествуваше заедно со 11 други шефови на држави и влади на земјите долж Западно-балканската мигрантска рута.