Годинава 5.500 пензионери ќе одмораат на бања
Првата група пензионери пристигнаа на бања, со што почна годинашниот проект за бањско климатска рекреација. До крајот на годината, вкупно 5.500 пензионери ќе се одмораат на сметка на државата...

Ручек за добредојде. Потоа преглед, па бањски третман. Првата група пензионери годинава пристигнаа на бања. Некои дошле да си ја искористат можноста, а други да се лекуваат.
„Денеска дојдовме. Многу е убаво и убаво ќе си поминеме.“
„Прв пат доаѓам на бања, една комшивка претходно беше, се пофали дека многу убаво поминала. Навистина, точно било.“
„Штом се пружа шанса, си рековме и ние да видиме како е тоа. Прв пат доаѓаме“, велат пензионерите кои ги затекнавме.
Пензионерите една недела ќе се рекреираат на сметка на државата.
„Многу битно во оваа трета животна доба е кога ќе дојдете во една друга убава средина и кога ќе заборавите на сите проблеми што ги имате дома. Кога се враќаат дома стануваат нови личности“, вели Драги Аргировски, претседател на Здружението на пензионери.
„Буџетот за реализација на овој проект е 38 милони денари, од кои 35 милони се за покривање на шест полни пансиони, бањско-климатска рекреација и соодветни здравствени прегледи“, изјави заменик- министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Услугата бањско-климатска рекреација се реализира во „Негорски бањи“ во Гевгелија, во „Катлановска бања“, во „Дебарски бањи“ и во „Цар Самуил“ од Струмица.
За шест години, 32.600 пенезионери ја искористиле можноста за бесплатна бањско- климатска рекреација. Годинава 5.500 пензионери треба да се рекерираат во бања.
Наташа Јанчиќ
