Почина академик Томе Серафимовски
Македонскиот скулптор, академик Томе Серафимовски, почина на 80-годишна возраст во Скопје. Серафимовски има создадено над 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и дрво. Автор е и на 40-тина споменици и спомен-обележја на просторите на независна Република Македонија, низ поранешна Југославија, но и во светот.

Неговите дела се наоѓаат во повеќе приватни и јавни збирки, галерии и во музеи. Во текот на 60-годишното творештво, Серафимовски учествувал на околу 300, а бил и самостоен автор на 40 самостојни изложби во земјава и во странство.
Роден е во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година. По завршувањето на средното уметничко училиште во Сплит, во отсекот Вајарство, Серафимовски во 1957-та, високото образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб кадешто дипломира во класата на професорот Аугустинчиќ.
Серафимовски бил стипендист на француската влада, соработник на познати француски скулптори, а по враќањето од Париз, извесно време посветува на сценографијата во тогашна Телевизија Скопје.
Ктитор и творец на повеќе иконостаси во земјава, на скулптури и на спомен-обележја, Серафимовски е избран за член на МАНУ пред 28 години.
Познатиот македонски скулптор бил член и на Српската, на Црногорската Академија за науки и уметности, како и на Светската академија за уметност и наука со седиште во Сан Франциско.
За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија. Македонската академија за науки и уметности в понеделник ќе одржи комеморативна седница посветена на делото на Томе Серафимовски, а погребот ќе се изврши ден претходно, в недела на градските гробишта „Бутел“.
Александра Перевска
