ДИК нема проценка кога ќе заврши вкрстената проверка на податоците
Државната изборна комисија ја спроведува вкрстената проверка на добиените податоци од институциите, но се уште нема проценка колку време ќе биде потребно да заврши процесот. Потоа ќе следи теренската проверка. Целата постапка треба да резултира со пречистен избирачки список. Граѓаните ќе можат да вршат проверка преку нова веб апликација...

Државната изборна комисија (ДИК) нема проценка за тоа кога ќе биде завршена вкрстената проверка на податоците. Оттаму велат дека се додека целосно не се заврши процесот на проверка, Комисијата нема да коментира за точноста на избирачкиот список. Државната комисија ја промовираше граѓанската веб апликација за проверка на податоците во избирачкиот список. Граѓаните ќе можат да проверуваат на три начини со внесување на матичен број, адреса на живеење или име и презиме.
„Доколку при ваквата проверка во Избирачкиот список се утврди дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или дека треба да се изврши запишување, дополнување на податоци или бришење на податоците коишто ги содржи Избирачкиот список, секој граѓанин има право да поднесе барање до Подрачното одделение или канцеларија на ДИК. Ваквото барање граѓаните треба да го поткрепат и со соодветната документација“, изјави Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
Граѓаните кои поради безбедносни причини нема да сакаат податоците да им бидат на веб апликацијата, ќе може да поднесат барање за нивно отстранување од веб страницата.
Досега се внесени сите лица кои до 1-ви декември минатата година станале полнолетни. Последователно со ажурирањето на избирачкиот список, вели Гугучевска ќе биде ажурирана и апликацијата.
Фиљана Кока
