Курц: Високо ги цениме напорите на Македонија во мигрантската криза
Австрискиот шеф на дипломатијата смета дека пред Европа допрва се предизвиците за интегрирање на досегашниот наплив на имигранти и за справување со безбедносните ризици...

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во интервју за МИА оддава признание на Македонија за пристапот во регулирањето и контролирањето на мигрантската криза, и вели дека за нејзино решавање, неопходно е Европа повторно да воспостави контрола врз своите надворешни граници.
„Македонија дава се од себе да ја заштити границата со Грција со цел да се регулира навлегувањето на мигрантите и ние високо ги цениме овие напори. Ние ќе направиме се што можеме за да и помогнеме на македонската Влада во оваа вонредна ситуација. Затоа Австрија испрати 20 полицицски офицери, додека нашето Министерство за одбрана во моментов ги проценува можностите и тоа да и упати помош на Македонија“, изјави Курц во интервјуто.
Курц, кој презема водечка улога во справување со прашањето на мигрантите и ја отвори понудата за австриска воена поддршка за Македонија во заштитата на јужната граница, смета дека пред Европа допрва се предизвиците за интегрирање на досегашниот наплив на имигранти и за справување со безбедносните ризици.
