Мерките имаат ефект: Вработени над 12 илјади млади лица до 29 години

04.03.2016 14:25

Мерката за вработување на млади до 29 години со една година ослободување од плаќење социјални придонеси, персонален данок и обврска на компаниите да ги задржат вработените една година завршува на 13-ти март. Проектот започна со реализација пред две години и досега преку него се вработени над 12 илјади млади лица...

4.500 мали фирми што имаат до десетина вработени ја искористиле оваа мерка.  Корисници се 126 средни и над 26 големи компании. Со вработувањата се опфатени сите категории образовен профил, од основно, вишо и високо образование.

„Ги користиме со поддршка на Центарот за вработување на Град Скопје и вработивме доста луѓе. И вработените се задоволни и ние од поддршката со тоа што ни се намалија трошоците за работењето. Има доста погодности што ги користиме“, изјави Десанка Спасовска, правник во текстилна компанија.

Според директорката на Центарот за вработување на Град Скопје, Алесковска, фирмите од тексилната индустрија најчесто имаат потреба од стручен кадар или кадар кој би сакал да се обучи да работи. 

„Треба да се обратат до Центрите за вработување, платата покрај минималната за овој сектор достигнува и над 15.000 денари. Навистина имаат можност доколку имаат желба да се вработат и да стекнат и поголеми примања“, вели Слободанка Алексовска, директор на Центарот за вработување на Град Скопје.

Остварената бројка  на вработувања е голема и влијае на намалувањето на невработеноста кај младите и проширување на дејноста на фирмите- велат надлежните. Апелираат приватните компании да ги искористат поволностите. Мерката трае до 13-ти овој месец.

„Заклучно со третиот квартал, невработеноста изнесува 25,5 проценти и очекуваме да продолжи да се намалува и во наредниот период. Исто така, мерката влијаеше и на компаните коишто заштедуваат голем број средства преку искористувањето на поволностите и субвенците од владата“, изјави заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„Имаме вработено од сите кадри. Не само во големите градови кои имаат голема апсорпција за вработување, туку и во малите се почувствува проектот  за вработување млади до 29 годишна возраст. И во најмалите општини имаме вработувања со проектот и се уште опстојуваат и земаат плата“, вели директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Со мерката еден плус еден, се овозможува една година ослободување од плаќање социјални придонеси и персонален данок за младите до 29 години кои ќе бидат вработени, а компаниите имаат обврска да ги задржат на работа уште една година.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска