Иванов: Да се намали бројот на бегалци во Грција
Мигрантската и бегалската криза постојано се продлабочуваат. Состојбата се менува од час на час. Неопходно е спречување на хуманитарната криза во Грција, но и регионална нестабилност на Балканот. Што поскоро територијата на Грција да се испразни од мигранти и од бегалци, но не преку балканската рута, туку преку воздушни коридори, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на безбедносната конференција на ОБСЕ што се одржува во Рим.

„Треба што поскоро територијата на Грција да се испразни од мигранти и од бегалци, но не преку балканската рута, туку со воздушен коридор“, порача претседателот Ѓорге Иванов на безбедносната конференција на ОБСЕ во Рим. Според него, неопходно е да се спречи хуманитарна криза во Грција, но и регионална нестабилност на Балканот.
За шефот на државата, парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од шенген- зоната и на некој начин, Македонија е доведена во ситуација да ја брани Европа од Европската унија.
„ЕУ ги избриша внатрешните, без да ги утврди и обезбеди надворешните граници. Европа се затвора во себе си, а тоа затворање раѓа несигурност и страв. Кога владее страв се носат емотивни одлуки кои стануваат дел од проблемот, а не дел од решението. Едностраните одлуки за затворање на коридорите се штетни и можат да донесат домино ефект“, рече во својот говор претседателот Иванов.
Иванов вели дека со напливот на мигранти и бегалци се зголемува и профитот на криминалните групи од трговијата со луѓе. „Кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од безбедносните служби и армиски структури“, рече претседателот на државава.
„ЕУ е онолку силна колку што е силна најслабата карика- Грција. Меѓутоа, безбедноста на Европа во овој момент зависи од тоа колку е безбедна Македонија, бидејќи Македонија ја прави регистрацијата на 99 насто на мигрантите и ги има сите податоци од безбедносен аспект за членките на Унијата. Меѓутоа за жал, сеуште тие податоци не можеме да ги споделиме затоа што сеуште немаме пристап до базите на ЕУ. Доцни сето она што требаше досега да биде превенирано, преземено и предупредено и од институциите како што се ОБСЕ и ЕУ“, потенцира претседателот Иванов.
Иванов оцени дека кризата е стрес- тест за сите вредности, принципи, институции, политики и процедури на унијата и на европските држави. Го повтори ставот дека Македонија се залага за заеднички критериуми за справување со мигрантската криза и за намалување на безбедносните ризици.
Наташа Гркова- Петрушевска
