Реакции за протестите во Бутел
Насилно урната оградата околу темелите на крстот, опожарена палма. Полицијата со детали за протестот на ДУИ. Градоначалникот Латиновски бара од министерот Спасовски да го ослободи просторот, за ДУИ – поставувањето на крстот не било по Рамковниот. Се огласи и Комисијата за односи со верски заедници...

Приврзаници на ДУИ насилно ја урнаа оградата поставена околу темелите на Крстот во Бутел и ја запалија дрвената ограда - официјален став на МВР за случувањата во скопската населба. За време на протестот, полицајците не употребиле сила.
Градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски го повика министерот Спасовски да го ослободи просторот на кружниот тек каде што се лоцирани активистите на ДУИ. Според него, полицијата не успеала да го спречи нарушувањето на јавниот ред и мир. За поставувањето на Крстот, рече дека е легитимна одлука.
„Техничичкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера не ја изврши работата за која зема плата од граѓаните. Оливер Спасовски вчера не успеа да спречи нарушување на јавниот ред и мир и узурпација на земјиштето на општина Бутел. Полицијата имала и има капацитети да се справи и со многу посериозни ситуации. Оливер Спасовски вчера беше срам и за полицијата и за граѓаните кои го плаќаат“, изајви градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски.
Од ДУИ му порача на Латиновски да ја преиспита одлуката. Според партијата, не се почитувал Бадентеровиот принцип.
„Градоначалникот е малку контрадикторен. Од една страна донесува одлука која ја крсти урбана опрема, а од друга страна дава изјава дека ќе постави крст висок 55 метри. Урбаната опрема не може да биде висока над 3,5 метри. Нека објасни дали поставува крст или објект висок 3,5 метри“, изјави Беким Незири од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ го осуди настанот. Од партијата велат дека Оливер Спасовски не ја исполнил својата уставна обврска и дозволил толпата да го преземе законот во свои раце - да пали, да урива и да узурпира јавен имот.
„Оливер Спасовски и неговите инсталирани послушници од СДСМ во МВР вчера избегаа од одговорноста за која се платени од граѓаните на Македонија и не дадоа наредба на полицијата да ја спречи толпата која што спроведуваше сопствен закон. Ваквото однесување на Оливер Спасовски е недозволиво, кукавичко и целосно неодговорно“, изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата за верски заедниции ги повика верниците од муслиманска и христијанска вероисповед да ги почитуваат начелата на верата. Ниту орелот, ниту крстот можат да направат победници или поразени. Ова е време кога муслиманите и христијаните треба да се вратат на корените на своите прадедовци, зашто токму тие биле урнек како се живеело во Македонија- велат од комисјата.
Викторија Милевска
