Иванов за „Телеграф“: Македонија ја брани Европа од самата себе

07.03.2016 12:53

Претседателот Иванов смета дека Европската Унија досега не покажала свест за справување со кризата, вклучително и со нејзиното пропуштање да го интегрира Балканот...

Претседателот на Републиката, Ѓорге Иванов, во колумна објавена во британскиот весник „Телеграф“, вели дека Македонија е соочена со директен удар од мигрантската криза, која предизвикува низа безбедносни, социјални и општествени предизвици за целиот европски континент. Претседателот Иванов додава дека Европската Унија досега не покажала свест за справување со кризата, вклучително и со нејзиното пропуштање да го интегрира Балканот.

„Во обединета Европа денес има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Додека Грција се соочува со опасност од хуманитарна криза, на границите на Балканот се распоредени армиите кои се во состојба на готовност. Секојдневно се соочуваме со обиди за нелегално влегување во Македонија, оштетување на државниот и приватен имот, употреба на фалсификувани пасоши и насилни акти против безбедносните сили на граничната линија од страна на мигрантите. Нивната намера е да се избегне процесот на регистрација и безбедносните проверки на лицата кои заслужуваат право на азил. Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. Доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската унија“, пишува претседателот Иванов во колумната за британски Телеграф.

Шефот на државата вели дека мигрантската криза ја потсетила Европа дека со векови Балканот бил клучниот европски коридор кон Блискиот Исток и Северна Африка, а сепак бил оставен надвор од Европската Унија.

„Требаше да минат еден милион мигранти и бегалци за да ја потсетат Унијата дека од сите европски мигрантски коридори, најбрз, најбезбеден и најевтин е токму балканскиот коридор“, вели претседателот Иванов.