Бегалска криза: На повидок е европско решение?!
Лидерите на ЕУ, на денешниот вонреден самит во Брисел посветен на мигрантската криза, се очекува да донесат одлука за затворање на рутата за бегалците долж балканските земји, како дел од напорите за запирање на нивното препраќање од Грција кон централна Европа. Во писмо упатено до членките на Унијата, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск изразува „внимателен оптимизам“ дека на средбата на врвот, какои на самитот ЕУ-Турција, ќе бидат постигнати „позитивни резултати“...

Затворање на балканската рута на мигрантите- ова е предлогот на европските лидери на денешниот состанок во Брисел. Ваквата драматична промена на планот на Европската Унија опфаќа зголемување на помошта за Грција и обид да се убеди турскиот премиер да го забави приливот на бегалци, како и да ги прифати илјадниците кои не ги исполнуваат условите за азил во Европа, а кои во моментов се наоѓаат во Грција.
Преговорите со турскиот премиер се жежок костен за ЕУ, прво од аспект што треба да издвои три милијарди евра финансиска помош, но и поради тоа, како што изјави Давутоглу, актуелната состојба ја става во преден план важноста на Турција и нејзиниот кандидатски стаус за членство во Унијата, за што вчера разговарал и со германската канцеларка Меркел и холандскиот премиер Марк Руте.
„Овој самит покажува колку на Европа и е потребна Турција, и колку на Турција- Европа. Пред нас се многу предизвици, единствен начин да им одговориме е солидарноста. Овојпат нашиот континент е целосен. Сакаме да ја согледаме и целата слика, не само незаконската миграција. Судбината на целиот континент е на маса. Турција е подготвена да работи со ЕУ и да биде нејзина членка. Ова е пресвртница за Турција и за Унијата“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Пред почетокот на состанокот, грчкиот премиер Ципрас побара почитување на договорите од предходните два самити од страна на сите држави, алудирајќи пред сѐ на Турција, и колективна одговорност од ЕУ за брза и ефикасна мобилизација.
„Ова е наш заеднички проблем, не е само на една земја. Европски е, затоа ни требаат европски решенија. Истовремено треба суштински да се забрза процесот на распределба на бегалците, за да се има доверба во него“, рече Ципрас.
За да се спречат последиците од затворањето на балканската рута, односно натрупување на илјадници бегалци, Унијата изразува подготвеност да ја подржи Грција. Се предвидува Атина да направи место за уште 50.000 потенцијални баратели на азил, а за што, како дел од хуманитарната помош на Европската Комисија предвидени се 700 милиони евра.
Другиот дел се однесува на безбедноста. До 1-ви април Фронтекс треба да упати дополнителни службеници на граничните премини со Македонија и Албанија, додека пак на брегот на Егејското Море, како што денес најави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини ќе има асистенција и од НАТО алијанста, со цел да се спречат нелегалните преминувања и шверцерските канали, преку кои само минатата година поминале околу 1 милион мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
