Нова опрема и зголемен број услуги во Здравствен дом Железничар

07.03.2016 16:12

Јавната здравствена установа „Железничар“ доби нови апарати кои ќе одговорат на барањата на зголемениот број пациенти во оваа здравствена установа. Во изминатиот период е набавена опрема во вредност од околу 2 милионa денари. Имајќи го предвид зголемувањето на бројот на пациентите и новата опрема, како и воведувањето на нови методи, министерот за здравство вели дека оваа здравствена установа функционира одлично.

Биохемиски анализатор, дермоскоп за детекција на дерматитис, ултразвучен дензитометар за следење на густината на коските кај остеопороза. Ова се новите апарати кои се очекува да ги подобрат услугите кои се даваат на пациентите од Здравствениот дом „Железничар“. Во изминатиот период е набавена опрема во вредност од околу 2 милиона денари.

„Добија и комплетно нов апарат за биохемиски анализи со што двојно се зголеми капацитетот на оваа здравствена установа од 200 анализи на 400 анализи дневно. Се зголеми не само бројот на анализи, туку и видот на анализи кои сега ќе можат да се прават“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Во оваа здравствена установа има вкупно 9 матични лекари од кои 8 се специјалисти по семејна медицина, а еден доктор е специјалист- педијатар.

„Над 1.000 пациенти дневно доаѓаат, некогаш и повеќе кога има зголемен број систематски прегледи, а се издаваат и лекарски уверенија за возачи“, изјави Соња Тасевска-Васиќ, директор на Здравствен дом „Железничар“.

„Железничар“ е една од установите од која речиси сите лекари биле испратени на доедукација во странство. Како резултат на тоа, воведена е нова метода во офталмологија.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска