Крај на заложничка драма во Сиднеј

07.03.2016 14:41

Во соопштението на полицијата во Нов Јужен Велс се наведува дека по повик стигнале на местото на инцидентот, каде што нашле тројца луѓе повредени од огнено оружје.

Во западниот дел на Сиднеј изутрината е ставен крај на седумчасовна заложничка драма во текот на која дошло и до пукање. Полицијата го убила напаѓачот и ги ослободила тројцата заложници. Инцидентот се случил кога маж вооружен со автоматско оружје, најверојатно калашников, влегол во една локална фабрика. Во престрелката било убиено едно лице, а уште две биле повредени.

Во соопштението на полицијата во Нов Јужен Велс се наведува дека по повик стигнале на местото на инцидентот, каде што нашле тројца луѓе повредени од огнено оружје. Еден 43-годишен маж починал на самото место, додека другите двајца биле пренесени во болница.

Полицијата во текот на акцијата го блокирала местото околу фабриката каде што се случил инцидентот, во индустриското предградие Инглберн, на 40 километри југозападно од Сиднеј.

Не е соопштен идентитетот на напаѓачот, а не е познат ниту мотивот за нападот.

 

Марина Автовска