Бегалска криза: Ќе се скрати протокот на мигранти
Според Туск, на ЕУ ќе и биде потребно време до следниот самит на 17-ти март за да се подготват деталите за преговорите со Турција за надминување на мигрантската криза.

ЕУ и Турција во Брисел постигнаа начелен договор да го скратат протокот на мигрантите. Лидерите на државите членки на Унијата го задолжиле претседателот на Европскиот Совет во наредните 10 дена да преговара со Турција за деталите како да се дефинира конкретен договор што ќе стави крај на двегодишната криза со бегалците.
Според Туск, на ЕУ ќе и биде потребно време до следниот самит на 17-ти март за да се подготват деталите за преговорите со Турција за надминување на мигрантската криза.
Под притисок на Германија и Грција е прифатена верзијата дека е завршен протокот на бегалци по рутата каде што главна земја на транзит е Македонија, низ која за помалку од година ипол минаа речиси еден милион бегалци и мигранти.
Инаку, договорот ЕУ-Турција предвидува Брисел да и даде дополнителни три милијарди евра на Турција до 2018-та година, а ќе треба да обезбеди и укинување на визите за турските државјани до крајот на јуни годинава.
