Продолжува судењето за „Дива населба“

08.03.2016 11:25

Тројца од адвокатите на обвинетите тогаш ја напуштија судницата, поради, како што наведоа, лошите услови во кои се одвива судењето.

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи петтото рочиште за судскиот процес „Дива населба“. Рочиштето требаше да се одржи на 2-ри март, но беше одложено поради немање услови за одржување на главната расправа во Судот.

Тројца од адвокатите на обвинетите тогаш ја напуштија судницата, поради, како што наведоа, лошите услови во кои се одвива судењето. Адвокатите се казнети со по 1.200 евра поради нарушување на редот во судницата и оневозможување на услови за одржување на главна расправа.

Адвокатите бараа да се исполни основното начело на фер, правично и јавно судење, односно на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.