Попоски: Пристапните преговори не се награда, туку задоцнета реакција
Министерот Попоски потенцираше дека Македонија е специфичен случај со оглед дека бегалците доаѓаат од територија на земја членка на ЕУ, Грција, во земја која што не е ЕУ членка, Македонија.

Република Македонија треба да биде дел од Европската Унија, а за тоа не треба фактор да биде справувањето со мигрантската криза, туку седумте последователни препораки од Европската Комисија и спроведените реформи. Со тоа треба да се стави крај на задоцнетата реакција во однос на почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Ова е пораката што министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски ја испрати при своето обраќање на состанокот на Пан Европската Унија, кој се одржа во Стразбур, соопштува МНР.
Справувањето со мигрантско-бегалската криза исто така беше дел од неговото обраќање. Министерот Попоски потенцираше дека Македонија е специфичен случај со оглед дека бегалците доаѓаат од територија на земја членка на ЕУ, Грција, во земја која што не е ЕУ членка, Македонија.
„Имаме добра соработка со Грција. Tаа ни е соседна земја и сакаме да и помогнеме. Со или без членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, секогаш ќе и помагаме на Грција, особено кога станува збор за еден ваков европски проблем. Нашата држава ќе продолжи со хуманиот третман на мигрантите, системот на регистрирање и спречување на илегална миграција. Република Македонија делува во согласност со европските политики и принципи и сака да биде дел од европското семејство. ЕУ не би била ЕУ доколку не им обезбеди безбедно небо на оние на кои што најмногу им е потребно“, истакна Попоски.
На отворената дискусија повеќе европратеници ја реафирмираа поддршката за Република Македонија за евроинтергативниот процес истакнувајќи дека заслужуваме целосна поддршка и соработка од ЕУ.
