Попоски во Стразбур: Македонија треба да биде дел од ЕУ

08.03.2016 13:15

Важноста за Република Македонија за отпочнувањето на преговорите за членство во Европската Унија беше во фокусот на обраќањето на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски на состанокот на европратениците, членови на Паневропската меѓународна унија, кој се одржа во Европскиот парламент во Стразбур...

„Република Македонија треба да биде дел од Европската Унија, а за тоа не треба фактор да биде справувањето со мигрантската криза, туку седумте последователни препораки од Европската Комисија и спроведените реформи. Со тоа треба да се стави крај на задоцнетата реакција во однос на почетокот на пристапните преговори со ЕУ“- ова е суштината на пораката што министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски ја испрати при своето обраќање на состанокот на Паневропската меѓународна Унија.

Справувањето со мигрантско- бегалската криза исто така беше дел од неговото обраќање. Попоски притоа нагласи дека Македонија е специфичен случај со оглед дека бегалците доаѓаат од територија на земја членка на ЕУ, Грција, во земја која што не е ЕУ членка, Македонија.

„Имаме добра соработка со Грција. Tаа ни е соседна земја и сакаме да и помогнеме. Со или без членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, секогаш ќе и помагаме на Грција, особено кога станува збор за еден ваков европски проблем. Нашата држава ќе продолжи со хуманиот третман на мигрантите, системот на регистрирање и спречување на илегална миграција. Република Македонија делува во согласност со европските политики и принципи и сака да биде дел од европското семејство. ЕУ не би била ЕУ доколку не им обезбеди безбедно небо на оние на кои што најмногу им е потребно“, истакна Попоски.

Во отворената дискусија повеќе европратеници ја реафирмираа поддршката за Република Македонија за евроинтергативниот процес истакнувајќи дека таа заслужува целосна поддршка и соработка од ЕУ.

Едвард Кукан, исто како и европратеници како Маријана Петир и Кула дадоа целосна поддршка за членството на Република Македонија во Европската Унија. Тие исто така ја признаа и соработката и напорите кои ги прави нашата земја, за справување со мигранткста криза.

„Конечно Македонија треба да започне преговори за членство во ЕУ, бидејќи таа веќе многу одамна ги исполнува условите за почеток на преговорите. Тоа според мене би било правилно и би и помогнало на Македонија“ - рече Кукан.

На забелешката на грчкиот европратеник Манолис Кефалогианис за името, јазикот и народот, односно за тоа дека „македонскиот идентитет не се разликува од бугарскиот и дека тоа било измислено од комунистите и Тито“, повикувајќи на почитување на европските вредности, министерот Попоски одговори:

„Македонија се залага за почитување на европските вредности и почитувањето на правото. Ние ја прифативме понижувачката референцата, додека Грција се обврза дека нема да не блокира во нашите евроатланстки интеграции. Но Грција не блокира. Меѓународниот суд од Хаг одговори дека страната која не го почитува договорот е Грција. Таа вредност и право треба да се почитуваСите сме ние некој поранешни, а само Македонија ја носи референцата поранешна“ – рече Попоски, пропратен со аплауз од учесниците на состанокот.

Претседателот на Паневропската меѓунраодна Унија, Алан Терноар од свој страна само му даде право на позицијата која ја застапуваше македонскиот шеф на дипломатијата, потсетувајќи дека организацијата со која тој претседава не прекина да се бори, за да го поддржи отворањето на преговорите за идното членство на Република Македонија во ЕУ.

„Ние сметаме дека се исклучително неправедни блокадите и ветата кои и беа наметнати. Треба сега да се каже дека е дојдено време да грчката страна да појасни јавно дека е дојдено времето за Грција да работи со Република Македонија – бидејќи тоа е нејзиното име“, рече Терноар.

 

Тони Гламчевски