ЕУ и Турција блиску до договор за намалување на миграцискиот бран

08.03.2016 13:47

По долги преговори Европската Унија и Турција ги приближија ставовите за конечен договор за бегалската криза. Балканската рута е затворена за нерегуларен бран на мигранти. Според лидерите на членки на ЕУ, понудата на турските власти да прифатат илегални мигранти е можност за напредок кон решавање на бегалската криза. На 17-ти март најавен нов самит на Европскиот Совет...

Европската Унија и Турција ги утврдија основите на можниот договор за намалување на миграцискиот бран кон Европа, кој би требало да биде усвоен на самитот најавен за на 17-ти март, и истите се оценети како постигнат напредок во спроведувањето на заедничкиот акциски план. Начелно од страна на Турција е прифатено враќањето на нелегалните мигранти кои во моментов се наоѓаат на територијата на Грција, а за возврат Анкара би добила дополнителна парична помош, забрзување на разговорите за членство во Унијата и безвизен режим до крајот на јуни. Генерално ова се заклучоците од вчерашниот самит на европските лидери на кој имаше несогласувања на релација меѓу државите од Вишеградската група кои инсистираа на затворање на Балканската рута и германската канцеларка Меркел која беше против таа одлука.

„Премиерот Давутоглу потврди дека Турција се обврзува да го забрза враќањето на мигрантите кои доаѓаат од Турција во Грција, а на кои не им е потребна меѓународна заштита. ЕУ ќе ја поддржи Грција во обезбедувањето на сеопфатна акција за враќањето на мигрантите. Сите горенаведени одлуки праќаат јасна порака дека деновите на нелегалната миграција се завршени“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

Турција пак од своја страна доби гаранција за отворање на нови пет поглавја од пристапните преговори кои се во тек скоро три децении и со тоа се приближи со галопирачки чекори до членство во Унијата. Исто така обезбеди ветување за исплата на 3 милијарди евра од ЕУ, како и согласност дека за секој прифатен Сириец од грцките острови, ќе пресели Сириец од Турција во друга членка на ЕУ.

„Ниту едно евро нема да биде потрошено за турските граѓани. Имаше одредени гласини во европското јавно мнение дека Турција моли за пари. На Турција не ѝ се потребни пари за себе. Ние ги покривавме трошоците од нашиот национален буџет. 10 милиони за мигрантите кои се во камповите и уште 20 милиони евра за во градовите. Затоа потенцирам, дека сите пари ќе бидат потрошени за сириските бегалци“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Во заедничкиот акциски план на шефовите на државите и владите на ЕУ е наведено дека првенствено ќе се преземат итни мерки за затворање на шверцерскиот канал на мигранти и заштитата на надворешните граници на ЕУ.

Во таа насока од вчера на брегот на Егејското Море со оперативна акција се вклучи НАТО алијасата, а ќе се продолжи и блиската соработка со државите од балканската рута кои не се членки на Унијата, на кои ќе им биде испратена потребната помош. Се мисли првенствено на Македонија и Србија, на кои иако се транзитни земји на илјадници бегалци, во заклучоците од синоќесниот самит не им се одобрени дополнителни средства.

Официјална Атина, пак се обврза за изградба на кампови за сместување на уште 50.000 бегалци, за што од ЕУ ќе добие 700 милиони евра.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ