Речиси 90.000 потврди за азил издадени од почетокот на годината

08.03.2016 14:11

Најбројни се државјаните на Сирија 44.734, Авганистан 26.546 и Ирак 18.337...

Во изминатите 24 часа издадени се потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на вкупно 132 странски државјани, од кои 34 од машки и 33 од женски пол, како и на 65 деца кои го придружуваат носителот на потврдата, соопшти МВР.

Според државјанството потврди се издадени на 126 државјанин на Сирија и 6 државјани на Ирак, додека нема издадено потврди на државјани на Авганистан.

Од почетокот на годинава издадени се потврди на вкупно 89.623 странски државјани, од кои 35.381 се од машки пол, 19.617 се од женски и 34.399 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 226 деца кои патуваат без родител. Најбројни се државјаните на Сирија 44.734, Авганистан 26.546 и Ирак 18.337.

Во истиот период до Секторот за азил барање за признавање на право на азил поднеле 29 лицa, од кои 22 од Сирија и седум од Авганистан, врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.