Жени во бизнисот: Најмногу во микро фирмите, само 12% на менаџерски позиции
Жените ги има во домашниот бизнис, но имаат проблеми при обезбедување капитал за реализација на деловниот потфат. Најголем дел од припадничките на понежниот пол се присутни во микро фирмите. Само 12 проценти се на менаџерски позиции...

Жените се доволно храбри и самоуверени да почнат бизнис, но проблем е недоволната едукација за успешно раководење и ширење на бизнисот. Третина од почетниците во бизнисот се од понежниот пол, но најчесто почнуваат во микро- сегментот со еден до двајца вработени. Ретки се жените на врвни позиции во големите компании.
„За жал немаме доволно жени на менаџерски позиции. Имаме околу 12% на менаџерски позиции. Меѓутоа ако земеме дека повеќето се во институции и установи како што се училишта, градинки и слично, ќе сватиме дека во приватниот сектор ни недостасуваат жени на управувачки позиции, а уште помалку имаме жени на управувачки позиции во поголемите компании и во оние што котираат на берзата“, изјави Валентина Дисоска, Здружение на бизнис-жени.
„Најголем дел од микро и малите претпријатија се раководени од жени. Од новоотворените компании, над 30% ги отвораат жените. Можеме да кажеме дека им недостигаат ресурси“, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Во управните структури на бизнис- асоцијациите има доволно жени, но ретки се на управувачките позиции.
„Треба да се борат, треба да преговараат, да не бидеме секогаш во процес на борба, туку во договарање, дека еднаквоста е и во платите и во функциите и во извршувањето на задачите треба да биде навистина запазено“, изјави Миле Бошков, Бизнис конфедерација на Македонија.
На земјава не ѝ треба поделба на машки и женски бизниси, туку родова еднаквост во која пресуден ќе биде квалитетот на индивидуата, а не полот, велат жените од бизнисот.
Свето Николовски
