Родова еднаквост

Жените земаат помали плати од мажите, недоволно се застапени во институциите

08.03.2016 16:09

Жените сѐ уште земаат помали плати од мажите за извршување иста работа. Недоволна е и нивната застапеност во институциите. Дополнителен проблем прават и стереотипите...

Мажите и натаму се нервираат кога ќе видат жена зад воланот. Искуството покажува дека овие стереотипи се неоправдани, затоа што жените  ретко возат побрзо од дозволеното, носат сигурносен појас, ги почитуваат собраќајните прописи, покажува статистичката казнена евиденција.

„Најчестата грешка која ја прават е управување на моторното возило под одвлечено внимание, тоа подразбира козметичко средување за време на управување со моторното возило“, вели Ристо Манчев, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Кога ретровизорот се користи за шминкање не е за оправдување, но не е и причина да се гледа површно на женскиот интелект и труд. За истата работа мажите земаат 18 проценти поголема плата од жените. Само 16 проценти од жените поседуваат имот.

„Она што е најголем проблем во државата е тоа што жените извршуваат најголем дел од работата која ја нарекуваме неплатена, односно скоро дупло работни часови жените изведуваат во вршење грижа за деца, за постари лица“, изјави Луиза Винтонпостојан координатор на Обединиетите нации.

Овој проблем треба да се реши. По воведување на квотите, сега има 33 % застапеност на жени во Собранието и во советите на општините. Но, од 25 министри само 3 се жени, од 81 градоначалник само 4. 

„Она што ме загрижува е говорот на омраза кој постои во нашето општество. Можам да разберам, таква е политичката состојба. Станавме едно поларизирано општество во кое само се случуваат политички препукувања, а проблемите на жените се пикнаа под тепих“, смета Даниела Рангелова, претседател на собраниска Комисија за еднакви можности.

Според податоците 40 проценти од жените се жртви на семејно насилство во некој период од животот. Во 2014-та, 9 жени се убиени, а се регистрирани 4.482 случаја на насилство.

 

Наташа Јанчиќ