Отпуштените работници од транзитниот центар „Винојуг“ повторно на протест

08.03.2016 16:21

Луѓето од кампот „Винојуг“ кај Гевгелија повторно излегоа на протест. Не се откажуваат од своето барање да бидат вратени на работа. Министерката за труд и социјала Ременски денеска упати на одоговор кај градоналачникот на Гевгелија. Франгов со став - има владина одлука за продолжување на договорите со постојните вработени...

Отпуштените од транзитниот прифатен центар „Винојуг“ денеска протестираа пред кампот. Не добија одговор- зошто не е најдено решение за да бидат вратени на работа. Велат, без причина биле тргнати од работните места. Им било понудено да бидат вработени само 15 луѓе.

„Побаравме да ни каже зошто сме избркани од кампот и оставени без работа, а таа си вработи 36 нови сопартијци. Зошто за овие 44 лица кои се обучени, вакцинирани и го подигнаа кампот на едно високо ниво, не е направен некаков компромис, но не добивме одговор“, вели Ѓорги Пакетов, вработен во „Винојуг“.

Ресорната министерка Ременски вели дека луѓето кои протестираат не се ангажирани преку министерството, туку преку Комуналното претпријатие за да одржуваат хигиена во кампот „Винојуг“. Според неа, градоначалникот на Гевгелија ги известил овие луѓе дека од 1-ви март повеќе не се на работа.

„Се договоривме сите оние луѓе кои имаат позитивна оценка за својата работа во кампот да бидат ангажирани, а за дел да бидат искористени мерките и проектите за општокорисна работа од општината Гевгелија и да бидат ангажирани од ЈКП „Гевгелија“, кое и претходно ги има ангажирано“, изјави министерката Фросина Ташевска Ременски.

Реагираше градоначалникот на гевгелија Франгов. Прашува - зошто на овие луѓе не им е продолжен договорот за работа кога тоа е решено на седница на Влада.

„Во заклучокот стои децидно дека треба договорите МТСП да ги склучи со постојните ангажирани лица таму. Тие знаат дека не биле директно ангажирани преку општината, но градоначалникот е за почитување на законите и одлуките и заклучоците на владата“, вели градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.

Во транзитниот центар „Винојуг“ дневно минуваат стотици бегалци.

 

Андријана Атанасовска