Промовирани нови шест мерки за младите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, промовираше нови шест проекти за младите. Меѓу нив има мерки за подобрување на видот на студентите, бесплатни здравствени прегледи, организирање студентски фестивали, субвенции за музички инструменти, нови читални...

„Бесплатна ласерска корекција на диоптрија за студентите кои имаат проблем со видот, а се од семејства чиј годишен нето приход е до 115.000 денари, бесплатни леќи, за средношколци и студенти од 14 до 26 годишна возраст“ - лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски промовира нов-сет мерки за младите.
Тој најави дека младинските репрезентативци два пати годишно ќе имаат бесплатни здравствени прегледи. „ВМРО-ДПМНЕ енергијата ја насочува кон работа и создавање подобри услови за сите граѓани, а не кон деструкција и омраза“, вели Груевски.
„Ова го правиме затоа што искрено веруваме во потенцијалот на младиот човек и затоа што обезбедувањето на сигурност, добро образование, инфраструктура и можности се работите кои силно го поттикнуваат нивниот развој. Очигледно има такви кои наместо искрена работа, теренот на манипулации најдобро го владеат. Со вакви работи, со разни чаушовци, местенки и фабрикувања нема да добијат избори. Народот ги има прочитано и знам дека ќе одбере програма и нови работни места“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Од годинава почнува Студент- фест во Штип, Тетово, Битола, Охрид и Скопје како проект по примерот на европските студентски градови. Од следната, 50 млади музичари ќе се субвенционираат со еднократен паричен надоместок од 75 проценти од сумата за купување на инструментот чија вредност не треба да биде поголема од 100 илјади денари.
Ќе се отвораат и три нови читални во Прилеп, Струга и Гевгелија. Со денешните 6, ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период промовираше вкупно 40 проекти за младите.
Миле Ристески
