САД: Смирување на ситуацијата во Сирија- трајно решение за бегалската криза
Прифаќање на бегалците од Сирија не е трајно решение на кризата што ја погодува Европа. Смирување на ситуацијата во Сирија за да можат бегалците да се вратат дома е трајно решение, велат од Стејт Департментот додавајќи дека во моментов на ова работи американскиот воен и политички врв...

Прифаќање на бегалците од Сирија е привремено решение. Соединетите Американски Држави работат на трајно решение на кризата со подобрување на ситуацијата во Сирија која е причината за бегалската криза во Европа, изјави заменикот портпарол на Стејт Департментот Марк Тонер.
„Ова е тежок предизвик. Конечно што сакаме да постигнеме во Сирија е запирање на непријателствата, започнување на политички процес што ќе води до преодна влада, и тоа е долгорочно решение на кризата со која се соочува Европа во моментов. Ставање крај на конфликтот во Сирија и создавање на услови за бегалците да се вратат дома“, изјави Марк Тонер- заменик портпарол на Стејт Департмент.
Ја признаваме улогата на земјите што прифатија бегалци од Сирија, велат од Стејт Департментот. САД досега донираше финансиски средства за помош на државите каде има бегалски кампови.
„Пред околу еден месец и пол имаше конференција во Лондон за хуманитарна помош за Сирија. Соединетите Американски Држави понудија околу 600 милиони долари како дополнителна хуманитарна помош за Сирија. Речиси 5 милијарди долари од почетокот на кризата. Овие дополнителни средства се наменети за земји како Јордан и Либан, каде има масовен прилив на бегалци од Сирија, коишто бегаат поради неодамнешното насилство таму“, вели Тонер.
Соединетите Американски Држави досега прифатиле околу 10 илјади бегалци од Сирија, но најавија дека ќе го зголемат овој број до 100 илјади. Сите бегалци ќе бидат подложени на строги безбедносни проверки и интервјуа пред да им биде одобрен бегалски статус во САД. Американските безбедносни агенции се свесни дека меѓу бегалците може да се инфилтрираат и терористи.
Врховниот Командант на НАТО за Европа, американскиот генерал Филип Бридлов минатата недела при сведоќење во Сенатот изјави дека борците на ИДИЛ се шират како рак меѓу бегалците во Европа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
