Србија: Водата се повлекува од поплавените подрачја

09.03.2016 12:59

Водата се повлекува од поплавените подрачја. Властите и понатаму се во состојба на подготвеност поради најава за нови врнежи од четврток.

Дождот престана да врне и според надлежните од Сектрот за вонредна состојба, состојбата на теренот се стабилизира. Водостојот на реките се намалува и тие се враќаат во коритата. Полека се сумираат последиците, а штетата се проценува на над 2 милона евра.

Владата на Србија прогласи состојба на елементарна непогода во 15- те поплавени општини и утврди мерки за помош. Според владиното соопштение- поплавени се 710 домаќинства и повеќе стопански објекти, а евакуирани се 118 лица. Поради свлечишта и одрони во прекин се повеќе локални сообраќајници, а водата има однесено и неколку мостови. Без струја се илјада домаќинства. Најтешко е во општината Лучани кај Чачак.

„Многу е подобро за разлика од изминатите денови. Наши проценки се дека денеска и утре водата можеби ќе се повлече во коритата“, изјави Мирослав Лазовиќ, началник на штабот за вонредна состојба во општина Лучани.

Властите ги загрижува прогнозата на метеоролозите кои предвидуваат нови интензивни врнежи во четврток. Постои реална опасност нивото на водата на неколку реки во Источна и Централна Србија да ја надмине границата на вонредна одбрана.

Медиумите ја пренесуваат прогнозата добиена од руските експерти,според која поради климатските промени за викендот се очекуваат врнежи поголеми од пред две години- и до 100 литри вода на метар квадратен. Но, властите ја смируваат јавноста дека ова е претерано и превентивно го подигна нивото на подготвеноста на сите капацитети од можните нови поплави.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ