Прелиминарни избори во САД: Трамп победи во уште три држави
Во редовите на ривалската Демократска партија, Берни Сандерс победи во Мичиген, а Хилари Клинтон го зголеми водството со убедливата победа во Мисисипи.

Претендентот за републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп однесе уште три победи во внатрепартиските избори во земјата. Тој извојува победа во Мичиген, Мисисипи и на Хаваите.
„Мислам дека никогаш не сум слушнал толку лоши работи за себе во една недела. Одвратни лаги вредни 38 милиони долари. Но, тоа е во ред. Тоа покажува колку е брилијантна јавноста, бидејќи препозна дека се работи за лаги. Сакам да им се заблагодарам на луѓето од Мичиген, на луѓето од Мисисипи. Ова е огромна чест“, изјави Доналд Трамп, претендентот за Републикански кандидат.
Во редовите на ривалската Демократска партија, Берни Сандерс победи во Мичиген, а Хилари Клинтон го зголеми водството со убедливата победа во Мисисипи.
„Во оваа кампања веќе победивме во осум држави. Победуваме кога одзивот на гласачи е голем, а губиме кога е мал. За една недела од сега, да почнеме политичка револуција, да бидеме подготвени. Да се подготвиме да им кажеме на милијардерите дека не можат да добијат се“, рече Берни Сандерс, претендент за Демократски кандидат.
„Не дозволувајте никому да ви каже дека не можеме да успееме во Америка. Можеме да успееме, успеваме и ќе успеваме. Но за да го направиме тоа, не можеме да градиме ѕидови и да го вратиме часовникот“, вели Хилари Клинтон, претендент за демократски кандидат.
Републиканецот Тед Круз победи во Ајдахо, додека Марк Рубио го зазеде четвртото место во Мичиген и во Мисисипи. Круз се смета за единствениот кандидат кој може да го победи Трамп, кој ја нема поддршката од т.н. естаблишмент на Републиканската партија. Моменталните резултати од анкетите предвидуваат победа на Трамп и на Флорида.
Марина Автовска
