Фити: Политичарите да одлучуваат со „ладни глави“, политичката криза лошо влијае на економијата

09.03.2016 15:53

Следење на континуитетот во работењето на МАНУ и барање одговори на новите предизвици на времето со зајакнување на советодавната функција на Академијата ќе бидат основните постулати во програмата за работа на Македонската академија на науките и уметностите во 2016-та, рече во своето експозе претседателот на МАНУ, Таки Фити. Тој порача политичарите да одлучуваат со „ладни глави“ зашто политчката криза ќе влијае лошо на економијата...

Пролонгирањето на политичката криза во земјава се заканува со негативни импликации во сите сфери, особено на економијата, посочи првиот човек на МАНУ, Таки Фити. Според него, веќе сме во фаза на корегирање на најавената стапка на БДП, а сѐ почести се најавите за воздржување или одложување во инвестирањето. 

„Општо познат е фактот дека во вакви услови владите настојуваат да ја компензираат смалената инвестициска активност на бизнис секторот со претерано инволвирање во сите пори на економската активност. Владите стануваат најголеми инвеститори, најголеми работодавачи и слично. Но, Владите по дефиниција се лоши стопанственици и од причини кои економската наука одамна ги утврдила, тие нерационално ги користат расположливите ресурси на економиите“, нагласи претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Фити предупреди дека раководствата на политичките партии носат историска одговорност за надминување на тешката политичка и општествена криза со која е соочена земјава и дека треба да дејствуваат во насока на смирување на состојбите.

„Илузија е ако се мисли дека ако успееме да организираме коректни избори што ќе бидат меѓународно признати и што ќе овозможат изборна политичка влада со полн капацитет на одлучување, наместо сегашните хибридни решенија- проблемите ќе исчезнат сами од себе. Напротив, проблемите што сега се во фокусот на нашата реалност, ќе бараат крупни реформи, многу знаење, енергија и политичка волја за нивно надминување“, нагласи Фити.

Во експозето со кое официјално го означи почетокот на четиригодишниот мандат, новиот претседател на МАНУ порача да не се очекува Академијата да се обраќа со говорот на политиката и политичарите, но дека сепак институцијата ќе преземе дел од одговорноста барајќи одговори на новите предизвици.

Според извештајот, во 2015-та во Академијата се работело на 89 научно-истражувачки и уметнички проекти.

 

Фиљана Кока