Турска инвестиција од 10 милиони евра во Општина Илинден, нови 100 работни места

09.03.2016 16:11

Поставен камен-темелник за изградба на откупно- дистрибутивен центар за земјоделски раноградинарски производи. Станува збор за турската компанија „Атајмач“ која инвестира во општината Илинден. За таа намена инвеститорот откупи од општината земјиште со површина од 87 илјади квадратни метри, во индустриската зона „Илинден“.

Органски произведени овошје и зеленчук од Македонија ќе се извезуваат на европскиот пазар. Турската компанија „Атајмач“ почна да гради откупно-дистрибутивен центар во индустриската зона во Општина Илинден. Инвестицијата ќе биде 10 милиони евра. Ќе бидат отворени 100 работни места.

„Ќе откупуваме претежно органски производи, сите видови овошје и зеленчук кои ќе ги извезуваме во Западна Европа. Првично планираме откуп од локалните земјоделци, а во иднина ќе извезуваме производи од сопствено производство“, изјави инвеститорот Атај Мач.

Со овој проект се очекува Македонија да има корист од повеќе аспекти, велат од Агенцијата за странски инвестиции.

„Со овој инвестициски проект очекуваме нашата земја да има корист од повеќе аспекти и тоа креирање на нови работни места, логистичка поддршка, индиректни вработувања и поврзување со домашни фирми со компании во странство“, изјави Висар Фида, директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Од Министерството за земјоделство се надеваат на зголемена конкурентност, локалната власт на подобар стандард.

„Се надевам дека со ваков тип на инвестиција се отвора можност за проширување на видиците на сите категории од земјоделските производители, откупувачи трговци и преработувачи а воедно и зголемувањето на конкурентноста“, изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков.

„Новата инвестиција ќе придонесе за одржлив локален економски развој, ќе овозможи нови вработувања, подобар животен стандард и услови за живеење на граѓаните во општина Илинден“, рече градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски.

Оваа инвестиција е договорена на бизнис-форумот во Анкара во септември 2014-та година.

Ана Јосифоска- Тодоровска