Американски КСС почна со работа, најавени 1.000 вработувања

09.03.2016 16:40

Американската „Ки Сејфти Системс“ почнува со работа во новиот капацитет. Прва фабрика во слободната економска зона во Кичево. 15-милионската инвестиција треба да отвори 1.000 работни места. Планот е да се удвои производството на воздушни перничиња за автомобилски делови...

Прва фабрика во слободната зона во Кичево. Американската КСС го отвори новиот капацитет. Инвестицијата од 15 милиони евра до 2017-та треба да отвори 1.000 работни места. Компанијата за автомобилска безбедносна опрема, која досега функционираше како браунфилд инвестиција со 230 вработени,  планира зголемено за двојно да го зголеми производството.

„Во периодот од 2014 до 2017 КСС ќе инвестира приближно 15 милиони евра во погонот во Македонија. Еднакво импресивна е бројката на работни места што ја создаваме. Производите што ги произведуваме се едни од двете клучни компоненти што се користат за производство на воздушни перничиња“, изјави Ралф Каспари, претставник на КСС.

Според вицепремиерот Ставрески, новата инвестиција ќе значи подобар стандард за илјада семејства од регионот.

„До крајот на оваа година да се реализираат 700 вработувања, а вкупно во компанијата во следниот период да бидат вработени 1.000 лица. 1.000 врбаотувања значи егзистенција за 1.000 семејства во Кичево, тоа е она најважното, она на што сме посветени и на што работиме“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.  

Извозот од зоните расте од година во година, лани надмина 1,5 милијарди евра. Од Дирекцијата очекуваат со новата инвестиција да се динамизира економскиот развој, да се зголеми соработката со домашните компании.

„Оваа компанија е првиот домаќин во зоната, но и првба поголема инвестиција во градот и регионот, која освен креирање на директни работни места со воспоставување на соработка со локалните компании ќе овозможи креирање и на идниректни дополнителни вработувања “, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Во КСС ќе се произведува безбедносна опрема за автомобилската индустрија, воздушни перничиња за светските марки автомобили „Шкода“, „Фолксваген“, „Тојота“, „Бе-ем-ве“, „Порше“, „Јагуар“.

 

Дијана Ценевска