Еврејската заедница- суштински дел од битослаката култура

09.03.2016 16:58

Во градот на конзулите одбележување на денот на депортацијата. Потомците на жртвите на холокаустот со идејно решение за меморијалниот парк на Еврејските гробишта во Битола...

„Сведоштвата за минатото се сведоштва за животот, а сеќавањата се чуваат низ делата на живите“- се зборовите со кои уметникот Мати Грунберг

започна да го објаснува дизјнот за скулпторската инсталација од пет дела што ја подарува за проектот „Меморијален  парк на евреите од Битола“. Финалната фаза на идејното решение ќе ја раскажува животната приказна за трагедијата на една заедница вели последното еврејско новородено дете во Скопје кој денес ја раскажа како неговото семејаство се спасило од канџите на холокаустот.

„Татко ми беше инжинер и работеше во еден млин. Сопствениците, кои беа христијани му рекоа, ако и понатаму вака го одржуваш ние ќе те спасиме и така се случи да не бидиме дел од депортираните“, вели Мати Грунберг.

Во реализацијата на проектот со кој Битола ќе го заземи своето место на светската карта на градови со Еврејско културно наследство, свој придонес дава и експертот по хортикултура, Сара Гутман. „Не сум случајно тука. Овде го доживувам сонот на моите родители кои се спасиле од ужасот, а потоа повторно се вратиле во Битола, градот во кој сум родена“, вели Сара.

„Иако живеам во Израел моето срце живее тука затоа што јас пораснав со приказните на моите родители со приказните за безистенот, за Драгорот за чаршијата и уште многу други“, вели Сара Гутман.

Ревитализацијата на еврејските гробишта разбуди многу приказни, но и чувства кај потомците на оние кој го направиле ужасот. На лето тука доаѓаат млади од Германија да работаат на Меморијалниот парк, а лутеранскиот свештеник на региналната протестанска црква на Баден како прва фаза донираше 2. 500 евра. За проектот голем интерес има и во Израел.

„Ќе донираме многу повеќе средства. Ова е само прва транша со која сакаме да се посадат млади фиданки за секој битолски евреин - жртва на холокаустот“, рече Ханс Јоаким Шолц.

„Со задоволство ви кажувам дека израелската влада и многу други институции и организации со симпатии гледат на битолскиот проект и сите несебично ќе се вклучат да помогнат“, рече израелскиот амбасадор во земјава, Дан Оријан.

Битолската еврејска приказна е позната во светот. За нивниот живот до трагичните моменти, предавање одржа професорот Јицак Керем. За жал за оваа етничка заедница која броеше над три илјади жители, денеска сведочат потресните приказни и немите сведоци- спомен обележјата на кои и овој пат беа положени букети свежи цвеќиња.

 

Стевче Митревски