Експерти: Потреба од изборни реформи во САД

10.03.2016 10:33

Појавата на милијардерот Доналд Трамп којшто сам ја финансира својата изборна кампања, ја нагласи потребата од изборни реформи во Соединетите Американски Држави, за да се обезбедат идентични услови за сите кандидати. Експертите сметаат дека е потребно да се ограничи финансирањето на кампањите и пристапот до регистрираните гласачи...

Додека трае изборната трка, многу американски експерти сметаат дека е време за реформа на политичкиот систем со зацврстување на партиите на државно ниво. Донаторите имаат поголем влог во финансирањето на партиите и со тоа поголемо влијание врз политиката на кандидатите отколку гласачите. Затоа се советува ограничување на донациите.

„Факт е дека се потребни многу финансиски средства за собирање донации од гласачите. Донациите што доаѓаат од богатите донатори треба да се искористат за собирање на донации од гласачите, бидејќи партиите во моментов немаат такви ресурси. Затоа сметам дека зголемено ограничување на донациите ќе има позитивен ефект на државните партии“, изјави Џон Филипе, главен советник на Републиканскиот Национален Комитет.

Изборните штабови на претседателските кандидати се обидуваат да соберат податоци за што е можно повеќе регистрирани гласачи, за да им ги објаснат своите програми. Но не сите партиии имаат можности да направат датотека на информации што ги става во подреден план помалите партии.

„Ние служиме како пошта, праќаме многу имејлови до гласачите, бидејќи партиите во сојузните држави не можат да платат за тоа. Второ служиме и како датотека. Демократската партија ја поседува најголемата датотека на регистрирани гласачи и заедници, што ја посакува секој кандидат“, вели Џејсон Перки, извршен директор на Демократската партија во Јужна Каролина.

Сите политички субјекти во САД се согласуваат дека зацврстувањето на партиите ќе го подобри изборниот процес во земјата.

Традиционално најголем одѕив во Соединетите Американски Држави има за време на претседателските избори кога гласаат околу 40 проценти од американските гласачи.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ