Откриени 22.000 имиња на членови на ИД од над 50 држави
Документите содржеле имиња, адреси, телефони, крвна група, информации за роднините и други податоци за лицата од 55 држави кои се приклучиле кон Исламска држава.

Британската телевизија „Скај њуз“ добила имиња на 22 илјади членови на Исламска држава од поранешен борец на групацијата. Разочаран член на Исламска држава украл у-ес-бе со информации од внатрешната полиција на џихадистичката организација.
Документите содржеле имиња, адреси, телефони, крвна група, информации за роднините и други податоци за лицата од 55 држави кои се приклучиле кон Исламска држава.
„Скај њуз“ ги известила властите за добиените информации и според нив, експертите на британското разузнавање веќе почнале со анализа на информациите. Истекувањето на информациите се смета за сериозен пораз на Исламска држава, бидејќи се добиваат важни разузнавачки податоци за нивната воена состојба во Ирак и во Сирија, велат од „Скај њуз“.
Поранешниот џихадист кој се претставил како Абу Хамед ги предал информациите на новинар во Турција, појаснувајќи дека ја напушта Исламска држава поради тоа што групацијата ги загубила исламските идеали, во кои тој верува.
