Бизнисмени од Ирак следната недела во посета на Македонија
24.01.2014 12:02
Како што информира Стопанската комора на Македонија...
Како што информира Стопанската комора на Македонија, во земјава идната недела доаѓа делегација на Унијата на ирачки бизнисмени, со седиште во Багдад.
Ирачките компании се заинтересирани за увоз и дистрибуција на разни видови македонски производи на ирачкиот пазар, прехранбени и пијалаци, земјоделски производи, козметички и фармацевтски производи, метален комплекс, градежништво и градежни материјали, индустриска опрема, трговија на производи за широка потрошувачка, мебел, транспорт, туризам итн.
Бизнисмените ќе се запознаат и со можностите за инвестирање и со потенцијалите за водење бизнис во Македонија. Во рамки на нивната посета Стопанската комора ќе организира бизнис-форум за воспоставување билатерални деловни контакти со македонски компании кои би се јавиле како нивни потенцијални деловни партнери.
Според Љубица Нури од Стопанската комора, ирачкиот приватен сектор може да биде мост за пласман на македонските производи и во други земји на Блискиот Исток.
