Брисел: Утврдување правила за решение на бегалската криза

10.03.2016 14:48

За да се запре нелегалната миграција од задниот влез, мора да се отвори сигурен и легален прозорец за мигрантите, во спротивно немилосрдните шверцери ќе изнајдат нови рути, вели европскиот комесар за миграции Аврамопулос. Справувањето со хуманитарната катастрофа, отворањето нов коридот и безбедносните прашања – во фокусот на собирот на минситрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската Унија...

Спречување на хуманитарната катастрофа, отворање на нов коридор и безбедносните прашања се во фокусот на денешниот итен состанок на министрите за внатрешни работи на членките на Европската Унија. Европските држави се во состојба на готовност од нов бран мигранти, откако Република Македонија, која досега стоеше на првата линија и го контролиршсе напливот на бегалци, одлучи да ја затвори границата за илегалните мигранти, а кои сѐ до понатамошните одлуки ќе останат на територијата на Грција.

„Ако сакаме да го запреме илегалниот и алтернативен пат на мигрантите, ние мораме да отвориме сигурен и законски пат за нив. Во спротивно, ќе се соочиме  и со бегалци и со криумчари кои се бескрупулозни во обидот да најдат нови патишта. Исто така, ќе разговараме и за безбедносните прашања. Ќе разговараме за поседувањето оружје и за борбата против тероризмот. И се надеваме дека ќе постигнеме позитивни резултати“, изјави Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за внатрешни работи и миграција.

ЕУ е презаситена од напливот на бегалци, економиите на некои европски држави се исцрпени до крајните граници, токму затоа постои и голема поделеност во однос на одлуките од официјален Брисел. Како единствено решение засега е т.н. договорот за порамнување со Турција, илегалните мигранти да се враќаат во таа држава.

„Мора да се прекине врската меѓу бродскиот транспорт и вдомувањето во Европа, да се запре злоупотребата на човечката мизерија. И ние, иако не сме дел од Шенген зоната, ќе работиме со европските партнери за да се вратат оние кои немаа право на азил во Унијата“, вели Тереза Меј, државен секретар за внатрешни работи на Велика Британија.

„Последниот самит не е завршен, не можете да очекувате дека меѓу два самита ние ќе ја завршиме целата работа, но ќе разговараме за повторно воведување на Шенгенот во ЕУ, како и за затворањето на западно-балканската рута. Еден за еден бегалец не е најсовршеното решение, но засега е добро за да се запре напливот, а потоа ќе разговараме и со Турција за споделување на товарот“, рече Клас Дијкоф, холандски министер за безбедност.

Договорот за реадмисија на бегалците од север кон југ може да ја стави Македонија во исклучително тешка состојба, бидејќи земјата има капацитет за 2.000 луѓе, а по одлуката на Словенија за затворање на границата, во Србија останаа заглавени над 1.600 мигранти.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ